Пред точно една година: Ериксен ја победи смртта, успеа и да му се врати на фудбалот

Точно пред една година, на денешен ден Кристијан Ериксен ја забележа најголемата победа, онаа животната откако данскиот фудбалски генијалец имаше срцев удар среде натпревар, неколку минути беше и клинички мртов, но успеа да ја победи смртта на теренот на стадионот „Паркен“ во Копенхаген.

Сликите од данската метропола беа траорни, откако во второто полувреме од дуелот меѓу Данска и Финска на ЕВРО 2020 најдобриот дански фудбалер падна како покосен и веднаш беше јасно дека состојбата е крајно сериозна. Данските фудбалери не можеа да го сокријат солзите додека формираа „жив ѕид“ околу паднатиот соиграч, а лекарите правеа се што можат за да го вратат Ериксен во живот.

На крајот, тој на носилка беше изнесен, а фотографијата во која Ериксен е свесен во тие моменти брзо го обиколи светот и даде надеж во борбата за живот на фудбалерот.

На крајот, Ериксен излезе како победник, а триумфот стана конечен кога неколку месеци подоцна тој доби и зелено светло за камбек на терените. Од неколкуте понуди ја избра онаа на новиот премиерлигаш Брентфорд, што се покажа како вистински потег, Ериксен одигра блескаво во последните два месеци од сезоната, па неслучајно за летово има понуди и од Тотенхем, Манчестер Јунајтед…

Се вчитува...