Хакан Чалханоглу го заврши настапот со турската репрезентација на ЕВРО 2020, но плејмејкерот на Милан остана во центарот на вниманието на фудбалската јавност откако се интензивираа шпекулациите дека е подготвен за големо предавство – трансфер во редовите на градскиот ривал Интер.
Чалханоглу на крајот од месецот станува слободен играч, тој веќе одби неколку понуди за нов договор со Милан, а директорот Малдини јасно стави до знаење дека нема намера да му понуди повеќе од оние четири милиони евра по сезона кои тој ги отфрли. Последните информации велат дека начелнлно е постигнат договор за Чалханоглу да се пресели во Интер, каде ќе потпише тригодишен договор и сигурно ќе го навлече бесот на фановите на Милан. Лекарските прегледи се закажани за утре, по што се очекува и промоцијата на турскиот интернационалец во новиот клуб.
Јувентус и Манчестер Јунајтед беа споменувани како опции за турскиот интернационалец, но сега Интер е во преден план во трката по Чалханоглу. Состојбата на Кристијан Ериксен е таква што тој најверојатно повеќе нема да игра фудбал, а „нероаѕурите“ немаат буџет за ново врвно засилување за средниот ред. Во Чалханоглу ќе добијат играч кој би дошол без никаква отштета, но и фудбалер со значајно искуство во Калчо-лигата кому нема да му биде потребно време за адаптација.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА