„Предавство“ на повидок: Кулибали од Наполи во Јуве?

Ривалството меѓу Наполи и Јувентус со години наназад е огромно, „старата дама“ ги налути „наполитанците“ откако им го украде Гонзало Игуаин, а сега е на добар пат да ангажира ново врвно засилување од Неапол – дефанзивецот Калиду Кулибали. Италијанските медиуми тврдат дека Кулибали без размислување би се преселил во таборот на Јуве, но потешкиот дел од задачата ќе биде да се најде заеднички јазик меѓу двата клуба.

Јувентус бара врвен дефанзивец по заминувањето на Кјелини, а Кулибали се наоѓа на врвот на листата со желби на „црно-белите“ од Торино. Наполи до лани одбиваше и над 70 милиони евра понуди за Сенегалецот, но сега ситуацијата е поинаква – тој има само уште една година од актуелниот договор, а и нема преголем број на заинтересирани клубови кои можат да ги задоволат финансиските барања на самиот играч.

Се очекува Де Лаурентис да биде задоволен со 50 милиони евра, а Јувентус има и „џокер“ во преговорите – турскиот дефанзивец Демирал, кој се враќа од позајмицата од Аталанта и ќе биде вклучен во понудата за Кулибали.

Првиот човек на Наполи не сака да продаде клучен првотимец на директен ривал од Италија, но Де Лаурентис би можел и да нема преголем избор, со оглед на фактот дека Реал веќе го доведе Рудигер, Барса нема пари за Кулибали, а ПСЖ се сврте кон други приоритети за овој преоден рок.

Се вчитува...