Една од најголемите легенди на европскиот фудбал, поранешен фудбалер и функционер на Реал Мадрид, Предраг Мијатовиќ ќе биде специјален гостин и панелист на Првиот Регионален Спортски Самит – Скопје 2025 кој, под покровителство на Министерството за спорт и министерот Борко Ристовски, а во организација на Why Not Group ќе се одржи на 10 септември, во хотелот „Хилтон“ во Скопје.
Овој исклучително важен настан ќе ги обедини највисоките носители на спортските политики од регионот, вклучувајќи ги и министрите за спорт од Србија и Црна Гора. Своето присуство официјално го потврдија Министерот за спорт на Србија, Зоран Гајиќ, како и Министерот за спорт и млади на Црна Гора, Драгослав Шчекиќ, кои заедно со Министерот за спорт на Македонија, Борко Ристовски ќе бидат дел од клучните дискусии за иднината на спортот во регионот.
Овој значаен собир, прв од ваков вид во нашата земја, претставува чекор напред во градењето на силни регионални врски меѓу институциите, федерациите, спортските организации и бизнис-секторот. Самитот ќе овозможи без преседан дијалог и соработка за унапредување на спортската инфраструктура, поддршка на младите таленти, и позиционирање на спортот како стратегиска алатка за општествен развој.
Настанот ќе се одвива под мотото „Спортот како национален идентитет и визија за иднината“, нудејќи уникатна можност за размена на идеи, инспирација и градење на долгорочни стратегии за спортскиот развој на национално и регионално ниво.
Преку панел-дискусии, работилници и сесии за вмрежување, учесниците – меѓу кои министри, спортски федерации, претставници на спортски клубови, бизнис лидери, академии, медиуми и визионери – ќе имаат можност да иницираат конкретни проекти и партнерства насочени кон унапредување на спортот, промоција на здравиот начин на живот и зголемување на улогата на спортот во креирањето одржливи општества.
Првиот Регионален Спортски Самит – Скопје 2025 претставува стратешки значаен настан што ќе го постави Скопје на мапата на главните регионални центри за спортски дијалог, соработка и развој. Очекуваното присуство на бројни делегации и високи гости ја потврдува важноста на иницијативата и отвора нови перспективи за регионална синергија во областа на спортот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

