Килијан Мбапе ги разочара челниците на ПСЖ откако им стави до знаење дека нема намера да потпише нов договор со клубот, по што францускиот првак сега забрзано работи на негова продажба во Реал Мадрид, за да се избегна сценариото најдобриот француски фудбалер да си замине од „Паркот на принцовите“ без никаква отштета.
Преговорите почнаа пред неколку дена, а според француските медиуми, разликата меѓу понудата и побарувачката во моментов изнесува 80 милиони евра. Понудата на Реал Мадрид изнесува 200 милиони евра, плус 20 милиони преку клаузули, додека ПСЖ инсистира на огромни 250 милиони, плус 50 милиони преку клаузули. „Светците“ ќе настојуваат да добијат што поголема сума бидејќи ќе мора да издвојат дел од парите и за самиот Мбапе, кој се заканува дека нема да си замине доколку не биде исплатен бонусот за лојалност во висина од 90 милиони евра.
Голгетерот е дециден дека тој не сака да си замине и без проблем би останал уште една година во клубот, па доколку ПСЖ сака да го продаде, треба да му ја исплати оваа сума.
Останува да се види дали Флорентино Перез ќе ја зголеми почетната понуда, или првиот човек на Реал Мадрид ќе реши да почека уште една година, па следното лето без никаква отштета да го добие играчот што го брка неколку години за да го доведе на „Сантијаго Бернабеу“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА