Џошуа Циркзе е подготвен да си замине од Манчестер Јунајтед нецели шест месеци по доаѓањето на „Олд Трафорд“, а Јувентус веќе стартуваше преговори за да го врати поранешниот голгетер на Болоња назад во Калчо-лигата.
Циркзе дебитираше со гол во првото коло од Премиер-лигата, но неговата форма оттогаш се движи во надолна линија. Дното беше допрено на последниот домашен меч со Њукасл, на кој тренерот Аморим го извади голгетерот од игра при негатива од 0-2 по само триесетина минути игра, а навивачите гласно го исвиркаа Холанѓанецот кој не остана на клупата, туку се упати директно кон соблекувалната.
Тој е решен да си замине, а челниците на Јувентус почнаа разговори со неговиот агент. Циркзе сака да игра токму за Јуве бидејќи тренер на овој тим е Тијаго Мота, со кого имаше беспрекорна соработка во Болоња минатата сезона. Сепак, проблем барем засега се финансиите, Јувентус нуди четири милиони евра на Јунајтед за позајмица на шест месеци, но „црвените ѓаволи“ имаат поинакви планови. Имено, планот на англискиот гигант е Циркзе да биде продаден во овој преоден рок, или во најлош случај да има позајмица, но со клаузула за задолжителен откуп во текот на летото.
Јувентус во моментов нема буџет за топ-трансфер, но би можел да се согласи на втората опција, особено ако се знае дека за летово се најавува и продажба на Душан Влаховиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА