Прекин и на ракометниот шампионат на Македонија

По кошарката и фудбалот, на спортските терени ширум Македонија ќе нема ниту ракометни натпревари. Ракометната Федерација на Македонија ги следи препораките за заштита од коронавирусот, носејќи одлука за прекин на натпреварувањата под капата на „куќата на ракометот“ во следните 14 дена.

„Ве известуваме дека Раководството на Ракометната федерација на Македонија донесе одлука за прекин во период од 14 дена на Националното ракометно првенство во Супер и Прва машка ракометна лига како и натпреварите од Женската ракометна лига.

Одлуката е донесена по последните препораки и забрани од страна на Министерството за здравство за превенција од вирусот COVID – 19, како и препораките на Светската здравствена организација за заштита на здравјето и безбедноста, кои опфаќаат забрана на сите јавни и приватни собири, без разлика на обемот и бројката на учесници – концерти, театри, кина, спортски сали, теретани.  

Дополнително согласно препораките и забраните од Владата на Република Северна Македонија за превенција од вирусот COVID – 19 , Ракометната Федерација на Македонија донесе претходно одлука со која сите натпревари во младите категории се одложуваат во период од 14 дена“, се вели во соопштението на РФМ.

Ова значи одлагање на последното коло од Супер-лигата во машка конкуренција, но и на стартот на плејофот.

Одлуката се однесува само на натпреварите од домашната сцена, а за дуелите Вардар – Нексе од СЕХА и Вардар – Пик Сегед од Лигата на шампионите ќе треба да се изјаснат челниците на СЕХА-лигата и на ЕХФ.

Се вчитува...