Прекрасниот гол не беше доволен: Саудиска Арабија со пресврт до победа над Македонија (ВИДЕО)

Од водство до негатива и до пораз. Македонската фудбалска репрезентација загуби на гостувањето во Прага од Саудиска Арабија со 2-1. Прекрасниот гол на Александар Трајковски, еден од најубавите во историјата на фудбалот во Македонија не беше доволен. Две грешки на средината на теренот, две невниманија и овозможија на селекцијата на Саудиска Арабија да дојде до победата. Селекторот Благоја Милевски проба и некои нови сили, дебитираше Елмин Растодер, во првите 11 уфрли некои играчи кои првпат беа стартери, се со цел да ги види можностите пред продолжението од квалификациите. Добро ќе беше да не загубиме поради атмосферата, но победа против Лихтенштајн во недела ќе го „избрише“ овој пораз и брзо ќе биде заборавен.

Саудиска Арабија подобро го отвори мечот. Беше поконкретна, првата шанса ја имаше Алабид кој беше во супер позиција, сакаше да излезе несебичен, и погреши, па Муслиу мораше да интервенира.

Во 32. минута од средбата шут на Алхабри под пречката, но Димитриевски одбива во корнер.

Најубавиот момент за Македонија се случи во 40. минута од средбата. Прекрасен погодок на Александар Трајковски, еден од најдобрите во историјата на македонската фудбалска репрезентација. Деспотовски центрираше, а Трајковски со ножички успеа да го совлада Алсанби за предност на Македонија.

Сепак, истата предност беше „поништена“ во самиот финиш од првиот дел. По една грешка на средината на теренот, Алшамат го проигра Албураикан, кој излезе сам пред Димитриевски и шутираше прецизно за израмнување. 

Во вториот дел летаргија ги зафати и двете селекции. Не помогнаа ниту замените кои ги направија и двата селектори, а се играше бледо на двете страни се до 77. минута. Пречката на Кано како да беше предвесник на она што ќе се случува само минута подоцна.

Лоша комбинација меѓу одбранбените и играчите од средниот ред на Македонија, па топката ја  „украде“ Алхамдан кој со удар од 21-22 метри прецизно ја смести топката во долниот лев агол од голот на Димитриевски за предност. 

До крајот на средбата Македонија како да немаше сили да нападне, да се обиде да израмни и немаше некоја сериозна шанса, што на крајот резултираше со триумф на Саудијците.

Македонската репрезентација во недела ја очекува квалификациски натпревар против Лихтенштајн во Скопје. Експедицијата веднаш по мечот се враќа во нашиот главен град, и ќе продолжи со подготовките.

ПРИЈАТЕЛСКИ НАТПРЕВАР

С.АРАБИЈА – МАКЕДОНИЈА    2-1 (1-1)

Прага, Стадион: „ФК Викторија“.

Гледачи: 700.

Судија: Стари (Чешка).

Стрелци: Албураикан 45′, Алхамдан 78′ (СА) – Трајковски 40′ (М).

Ж. Картони: Кано, Алсахафи (СА) – Ќамили 58′ (М)

С.АРАБИЈА: Алсанби, Алнасер (46′ Мајраши), Сулаиман, Тамбакти, Алхарби (86′ Алмуса), Кано, Алкаибари, Алџувајр (78′ Али), Алшамат (67′ Алхамдан), Албураикан (67′ Алшехри), Алобуд (67′ Алсахафи).

Селектор: Ерве Ренар

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Деспотовски, Велковски (46′ Илиевски), Серафимов, Муслиу, Алиоски (46′ Ќамили), Станковски (60′ Елмас), Алими (60′ Барди), Атанасов, Ристовски (75′ Костадинов), Трајковски (46′ Растодер).

Селектор: Благоја Милевски

Се вчитува...