Преку еден „вечен“ до друг: ТФТ го совлада Работнички и закажа дуел со МЗТ Скопје (ФОТОГАЛЕРИЈА)

ТФТ е последниот полуфиналист во Купот „Благоја Георгиевски – Буштур“ откако во четвртфиналето славеше против Работнички со 73-78. „Црно-белите“ имаа добар старт на мечот за рана „комотна предност“, но офанзивните скокови на Работнички беа сериозен проблем за бранителот на трофејот. А, со заштитата на рекетот во последната четвртина се врати и контролата на мечот со што избраниците на Смилковски закажаа реванш на минатогодишното финале против МЗТ Скопје.

ТФТ успеа да го наметне својот ритам на отварањето на средбата. „Црно-белите“ креираа од играта „два на два“, а отворените обиди за три поени ги искористија Бишоп и Костоски за двоцифрена предност (6-19). Работнички до крајот на првата четвртина одговори преку високите играчи, ја зголеми и агресивноста во одбрана па намали на 18-23. ТФТ продолжи да го диктира темпото и во поголемиот дел од првото полувреме, но „црвено-белите“ благодарение на шутот за три поени успеаја да се вратат во мечот. Во серија влезе Марковски, на спротивната страна пак опадна реализација и покрај отворените обиди на ТФТ па Работнички стигна и до целосен пресврт (40-38), но сепак „црно-белите“ поентираа од рекетот за минимално водство од 41-42 на полувремето.

Изедначениот ритам продолжи да преовладува на теренот и во второто полувреме во кое акцентот беше ставен на одбраната. Работнички продолжи поентира преку расположените Форте и Малешевиќ, додека ТФТ се одржуваше во игра преку бековската линија Бишоп-Костоски па пред одлучувачките десет минути на семафорот стореше резултат 56-57. Во нив избраниците на Смилковски успеаја да го заштитат рекетот, а преку серијата на Ташовски и да поведат со 60-68. „Црвено-белите“ се обидоа да се вратат во игра преку Форте, но немаа сили за егал.

 

Се вчитува...