Младинската кошаркарска репрезентација на Македонија во второто коло го претрпе првиот пораз на Европското првенство за кошаркарки до 20 години што се одржува во Скопје. По почетниот убедлив триумф над Косово, нашите репрезентативки денеска беа под своето ниво на дуелот со Хрватска, губејќи со убедливи 46-64.
Првата четвртина мина во израмнета битка во која многу се грешеше на двете страни, па по десет минути игра резултатот гласеше 11-11. Проблемите за Јелена Антиќ се појавија во вториот период, кога најпрвин тешка повреда заработи Ана Цветковска, која на рацете на соиграчките мораше да биде изнесена од теренот. Само неколку минути подоцна проблемите се продлабочија откако најдобрата македонска кошаркарка, Матеа Николиќ, се пожали на повреда и не можеше да се врати на теренот.
Хрватска го искористи тоа и успеа да се одлепи и повее со 18-26, но Македонија благодарение на одличната одбранаа во завршницата од четвртината се приближи на само два поени негатива (26-28). Сепак, намалената ротација на играчи во македонскиот табор им овозможи на противничките со цврста одбрана да стигнат до двоцифрена предност (35-47 на крајот од третата четвртина). Дополнителен проблем претставуваше што незгодна повреда заработи и Елена Тасевска, која се повреди и не можеше да се врати до крајот на мечот.
Последните десет минути минаа во знакот на хрватските кошаркарки, кои уште повеќе ја зголемија предноста се до конечните преубедливи 46-64.
Селцова со 12 поени и Димитријевиќ со 10 поени беа најефикасните во македонскиот табор на овој натпревар.
Македонските кошаркарки утре се среќаваат со ,селекцијата на Црна Гора, меч што исто така на програмата е во 18.45 часот во СРЦ Кале.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА