„ПРЕСИНГ“ – Како се формираше македонската репрезентација – Со дресови на Годел Работнички…, Тројачанец, ацетон, црн спреј и досетливиот Буштур (ВИДЕО)

Ѓорѓе Војновиќ е дел и од првата генерација на македонската репрезентација, селекцијата што беше дел од првите официјални квалификации за ЕП што се одржаа во Вроцлав, Полска.

Поранешниот ас на Работнички како гостин на подкастот „ПРЕСИНГ“ говореше и за тој период од кариерата, за тоа како се формираше националниот тим, откривајќи дека Македонија своите први мечеви во историјата ги одиграла во дресови на КК Годел Работнички, но и, без разлика на се, за целокупниот ентузијазам кај секој поединец со кој се пристапувало во тие први години независна кошарка.

„Одеднаш ни кажа дека се формира репрезентација, и дека за пет дена треба да играме квалификации во Вроцлав на кој ќе учествуваат селекциите од поранешна Југославија, заедно со селекциите од поранешен СССР и плус Романија и Полска. Ние отидовме таму со дресови на Работнички, немаше време да се набави опрема, тогашното раководство наместо опрема ни набави одела, за да патуваме во одела 38 часа… со автобус до Бугарија, па летавме до Будимпешта, па од таму до Варшава, па пак со автобус до Вроцлав… и стигнуваме таму и гледаме дека Хрватска и БиХ доаѓаат заедно со еден чартер… А, војната во БиХ веќе во полн ек“ – се присетува низ смеа Војновиќ.

Вистинските проблеми почнале при техничката комисија на ФИБА, од каде најавиле дека нема да дозволат Македонија да биде дел од овој турнир со опремата со која нашите кошаркари пристигнале во Полска.

„Стигнуваме во Вроцлав, има техничка комисија и нашите ги вадат дресовите – напред стои Фершпед, горе лого Годел Работнички, од другата страна нешто трето… Тоа беа нај-најобични памучни дресови како да си во 45 година, не во деведесет и некоја година… Луѓето од ФИБА ни велат – нема играње со овие дресови, не се дозволени спонзори…, одиме во хотел, ајде сечи чаршави, па лепи, па докторот Тројачаец со ацетон таму нешто вади и останува она Ф од Фершпед. Ни викаат мора и тоа да се тргне… Среќа на Буштур му текнува… тоа Ф е за Фиром, демек, само за да ни дозволат да играме… Еее тогаш може… Тоа беа години полни ентузијазам, во кои сите во репрезентацијата живеевме како едно. И еден Петар Наумовски, тогаш со бројни европски титули од Купот на европските шампиони, во автобусот со нас и патува 38 часа. Носевме ние помладите огромна почит кон нив, и кон оние кои тогаш играа во југословенската лига како Давитков, Владичевски… Сега се некои други времиња “ – ја пренесува Ѓорѓе Војновиќ оваа интересна приказна од самите почетоци на македонската репрезентативна кошарка.

УЖИВАЈТЕ И ВО ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО ЃОРЃЕ ВОЈНОВИЌ И АЛЕКСАНДАР ТОДОРОВ

Се вчитува...