ЕКИПА како специјализиран портал кој повеќе од една деценија информира за македонскиот спорт, воден од интенцијата за нова посериозна промоција на македонскиот спорт, реализира нов проект во медиумскиот простор во Македонија – специјализиран спортски подкаст „ПРЕСИНГ“. Проект кој е наменет за навраќање на спомените од минатото, анализа на актуелните состојби во мак-спортот, како и размена на предлози и визии за негов развој во иднина. И сето тоа, директно, отворено, па ако е неопходно и контроверзно!
=====================================================
Во најновата епизода на „ПРЕСИНГ“ со Дарко Панчев, најголемото македонско фудбалско име во историја домаќин, пак, на најголемиот македонски ракометар во историјата и актуелен селектор на Македонија и тренер на РК Алкалоид, Кирил Лазаров. Двете македонски спортски легенди за првпат на едно место и тоа во подкастот на ЕКИПА.МК – „ПРЕСИНГ“, низ повеќе од отворен, директен разговор за се што го оптоварува македонскиот ракомет и спорт, но и со навраќање на своите славни моменти од двете повеќе од богати кариери.
Лазаров гостува на „ПРЕСИНГ“ веднаш по извонредниот двоен успех, освојувањето на трофејот во ЕХФ Европскиот куп со Алкалоид, и новиот пласман со македонската репрезентација на Европското првенство 2026.
Низ максимално интересен разговор Панчев и Лазаров, заедно со новинарот на ЕКИПА, Никола Станикевски, „без влакна на јазикот“ зборуваат:
- За максималната меѓусебна почит – и како тоа Дарко Панчев станал еден од идолите на Кире Лазаров од детството
- За РК Алкалоид кој за само четири години од формирањето, на македонски „погон“ дојде до трофејот во ЕХФ Европскиот куп преку финалната пресметка со грчки АЕК
- За македонската репрезентација и веќе континуираниот нов пласман на Европско првенство…, наспротив деновите кога пред три години стартуваше промената на генерациите во репрезентацијата кога ја презема селекторската функција, за Светското првенство во Полска и тогашните силни критичари
- За финалните натпревари со АЕК Атина, моментите кога Грците одлучија да не го играат реванш дуелот во Скопје, и првите реакции на луѓето од ЕХФ
- За тоа како Кире Лазаров успеа да ги подготви младите ракометари на Алкалоид за оној „пекол“ во Атина – Тајниот рецепт со „специјалните тренинзи“ во Автокоманда!
- Дарко Панчев ги открива сите детали за случувањата во Атина при гостувањето на Црвена Звезда против Панатинаикос во Купот на европските шампиони во 1992. За случувањата на атинскиот аеродром и цврстата решеност на Панчев да остави Македонец во графата за националност, не попуштајќи пред грчката полиција. За сите проблеми за време на престојот во Атина и агентите од југословенската тајна служба кои се грижеа за безбедноста на најдобриот македонски фудбалер! За насловните страници на сите грчки медиуми со пречкртаниот лик на Дарко Панчев и како, на крај, Дарко ја замолкна Атина со два гола.
- За спортот во Македонија, за неопходноста од што поголеми државни инвестиции во спортот и недостатокот на вистински квалитетни лица во спортскиот клупски менаџмент.
- Кире Лазаров отворено открива и како е да се работи со најголемиот спортски мецена во Македонија, Живко Мукаетов.
- Но, и за Тони Кукоч и Роберт Просинечки, како едни од идолите од детството, поради која цела кариера го носи бројот “7“… За Свети Николе и семејното потекло и на Лазаров и на Панчев од овој град… Судбината сакаше Дарко Панчев европската титула со Црвена Звезда да ја освои и на стадионот „Свети Никола“ во Бари
- За почетоците на Кире Лазаров со кошарката место со ракометот, и потоа за патот од Свети Николе, преку Битола и Загреб, до светските височини и европската титула со Барселона
- За тоа зошто Дарко Панчев ја одби Барселона и Јохан Кројф во 1992 година и дали погреши
- За новопечените самонаречени „ракометни експерти“ и критичари
- На крај и за идните планови на Кире Лазаров: „Мојата цел е да доживеам учество на Олимписки игри. Ќе биде тешко да се реализира тоа, но цврсто сум одлучен да ја постигнам таа моја цел и амбиција!“
ГЛЕДАЈТЕ И ЗАСЛЕДЕТЕ ГО ЈУТЈУБ-КАНАЛОТ НА „ПРЕСИНГ“…
============================================================
ГЛЕДАЈТЕ ГИ И ПРЕТХОДНИТЕ ЕПИЗОДИ НА „ПРЕСИНГ“…
============================================================
ЕПИЗОДА (1) НА „ПРЕСИНГ“ – СО ДАРКО ПАНЧЕВ И БЛАГОЈА МИЛЕВСКИ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

