Министерот за спорт, Борко Ристовски гостуваше во новогодишното издание на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК, притоа осврнувајќи се и на проблемот околу бројните спортски клубови во Македонија кои се формираат само колку да добијат субвенции од државата.
Како што истакна тоа мора во престојнава година да се реши затоа што не може повеќе да продолжи праксата одредени клубови да земаат субвенции од државата само колку да си обезбедат плата за директорите, претседателите, сопствениците на клубовите, и ништо друго.
„Тоа е поентата на постоењето на толку многу клубови. Воведувањето на овој ваучер систем не доведе до тоа секој да направи клуб со цел да добива некаква помош од државата. Ние го детектиравме делот од такви клубови. Постојат одредени клубови во кои спортски директор или претседател живеат само од помошта од државата. Пријавени и си земаат плата од клубот. Како вработени во државна администрација која ништо не работи. И во спортот постојат такви клубови, за жал“ – вели Ристовски и дополнува:
„Јас кога се нафатив на оваа сериозна обврска, мислев дека спортот е една убава работа, чиста, и навистина така треба да биде. Меѓутоа, постои и една друга страна зошто спортот ни е на ова ниво, а тоа се токму клубовите коишто се формирани специјално само за да земаат пари од државата и да одреден претседател си зема плата која што ќе му биде егзистенција во животот наместо да оди, нели, нормално да работи и да вложува во себе“.
ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ ГЛЕДАЈ ГО ТУКА…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

