Македонија го оствари најголемиот успех во историјата на Евробаскет 2011 во Литванија, но лесно можело да се случи целата приказна да доживее колапс уште пред самиот почеток, откако тогашниот селектор Марин Докузовски се обидел да отстрани неколку кошаркари од националниот тим поради недисциплина.
Ова во најновото издание на подкастот „ПРЕСИНГ“ го открива Ѓорѓе Војновиќ, кој во тоа време беше дел од Македонската кошаркарска федерација, и е исклучително добро упатен за случувањата.
Македонија блесна на Евробаскет 2011 во Литванија, но добрите кошаркарски познавачи паметат дека „црвено-жолтите“ одиграа многу слабо во подготвителниот период, во кој беа мета на критики од јавноста и од навивачите.
„Имавме ние „трзавици“, селекторот сакаше да ги брка од припреми од Охрид, од ова од она… за баналности. Ние тогаш рековме, ние нов дали се вика Гечевски или Антиќ или Илиевски не можеме да најдеме… Тренер, во тој момент сите сакаа да бидат, верувај ми… но ние рековме ОК ние одиме со овој концепт. Врбица имаше огромна улога во носењето на Мекејлеб, но и на италијанскиот кондициски тренер… сите ги тргнавме нашите сопствени убедувања на страна, егото го проголтавме во служба на играчите. Кога кошаркарите тоа го сфатија веќе како да не им беше потребен тренер бидејќи мотивацијата беше на едно толку високо ниво. Постоеја критики при оние порази во подготовките, знаеме како е… земја од два милиони народ и два милиони селектори. Сепак, како што имам кажано, за таа репрезентација и тој успех треба да се напише книга или да се сними филм, бидејќи има многу што да се каже, особено од оние најзаслужните, од кошаркарите“ – вели Војновиќ во „Пресинг“.
Погледнете го целото издание на „Пресинг“, со Ѓорѓе Војновиќ и со Александар Тодоров, со интересни разговори на бројни кошаркарски теми…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

