Елиф Елмас се наоѓаше на излезна врата од Лајпциг, но ситуацијата би можела целосно да се промени по последните информации дека Марко Росе ќе добие отказ од тренерската функција во овој клуб. Овој стручњак не му даде шанса каква што заслужува на македонскиот репрезентативец, упорно чувајќи го на клупата за резерви, испраќајќи јасна порака дека подобро за Елмас ќе биде среќата да си ја побара во друг клуб.
Сепак, Росе сега се наоѓа под огромен притисок, откако последниот домашен пораз од 1-5 сериозно го затресе тренерското столче во Лајпциг. Фактот дека под негово водство тимот нема освоено ниту бод во ЛШ дополнително го крева притисокот, па последните информации говорат дека Росе би можел до крајот на оваа седмица да добие отказ, а на негово место да пристигне Ерик тен Хаг. Холандскиот стратег околу еден месец е без работа по отказот од Манчестер Јунајтед, но изразил подготвеност да прифати понуда од амбициозен проект каков што е Лајпциг.
Елмас поради повреда нема да може да се врати на терените до крајот на оваа календарска година, се најавуваше дека нашиот ас сигурно ќе си замине во зимскиот преоден рок, но тренерската смена би можела да ги промени плановите. Тен Хаг јасно ставил до знаење дека сака да ги види на дело сите фудбалери кои ги има во тимот пред да донесе одлука за нивната иднина, па Елмас би можел да го продолжи престојот во Лајпциг, со надеж дека конечно ќе добие шанса да покаже дека е доволно добар за да биде стандарден првотимец во овој германски прволигаш.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА