Пресврт на повидок: Дибиров останува во Вардар?!

Тимур Дибиров на почетокот од овој месец најави заминување од Вардар, крај на „црвено-црната“ авантура на еден од најдобрите ракометари на „вардарци“ во изминатата деценија и еден од најзаслужните за двете европски круни на овој тим. Последните информации говорат дека лесно може да дојде до пресврт во ситуацијата, односно Дибиров да потпише нов договор со Вардар, со што руското лево крило би останало во македонскиот ракометен гигант до крајот на својата кариера.

Актуелниот договор на Дибиров истекува на крајот од сезонава, јасно е дека тој бил незадоволен од првата понуда што ја добил од управата за продолжување на соработката, но во последните денови расположението е променето, па сега и двете страни се поблиску до наоѓање на заеднички јазик. Дибиров заедно со капитенот Стојанче Стоилов се единствените двајца ракометари во актуелниот ростер на Вардар што беа дел од двете шампионски генерации, Русинот не ја крие желбата да остане во клубот, но само доколку биде испочитуван со соодветна понуда за нов договор.

Вардар и за претстојното лето го очекува мини-ремонт, веќе е најавено дека неколку ракометари летово ќе си заминат од Скопје. Останува да се види дали Дибиров ќе биде еден од оние кои ќе го напуштат Скопје, или Русинот ќе се премисли и ќе потпише нов договор со „црвено-црните“.

Се вчитува...