Столе Димитриевски предолго беше на излезна врата од „Месталја“, но малку требаше за Македонецот да блесне во сиот свој сјај во дресот на Валенсија и да ги убеди клупските челници и тренерот Корберан дека ја заслужува улогата на стартен голман во овој шпански прволигаш.
Димитриевски дојде како замена за Мамардашвили, ситуацијата најпрвин се искомпликува кога Грузиецот остана една година повеќе од предвиденото пред да замине во Ливерпул, а дополнителен удар за македонскиот репрезентативец беше доаѓањето на Агирезабала на позајмица од Атлетик Билбао, со клаузула со која Валенсија требаше да плати помалку пари ако каталонскиот голман е стандарден на голот, што и беше случај во првиот дел од сезонава.
По повредата на овој голман конечно шанса доби и Димитриевски, кој максимално ја искористи укажаната ситуација. Македонецот прими девет гола на осум меча, на три од нив ја сочува мрежата незатресена и важи за еден од најзаслужните што Валенсија конечно побегна од опасната зона на табелата.
Дури и тренерот Корберан го промени мислењето и сега гледа на Столе како на прва опција на голот, без оглед што Агирезабала во меѓувреме се опорави од својата повреда. Згора на тоа, големи се шансите дека Димитриевски и следната сезона ќе го гледаме во дресот на Валенсија, откако и клупските директори останале импресинирани од македонскиот ас.
Имено, договорот истекува на крајот од сезонава, но во него има клаузула што може да ја активира само клубот, за да ја продолжи соработката за уште една година. Тоа до неодамна делуваше невозможно, но последните информации говорат дека во клубот се презадоволни од професионализмот на нашиот голман, па големи се шансите клаузулата да биде активирана, а Димитриевски да биде прв голман на Валенсија во сезоната 2026/27.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

