Килијан Мбапе веќе неколку години е поврзуван со Реал Мадрид, веќе неколку месеци се чинеше дека неговата преселба во Шпанија како слободен играч во јули 2024 година е завршена работа, но денеска пристигнуваат нови информации на оваа тема. Како што јавува „Кадена дел сер“од Шпанија, челниците на Реал Мадрид дефинитивно се откажале од намерата да го доведат Мбапе во тимот.
Иако станува збор за играч кој би дошол без никаква отштета, „кралевите“ би требале да му платат богат бонус за потпис, како и рекордна плата за европскиот фудбал. Досега тоа не се чинеше како проблем за Флорентино Перез, но според „Кадена дел сер“ првиот човек на Реал во последните триесетина дена го променил својот став.
„Реал Мадрид воопшто нема да преговара со Килијан Мбапе за трансфер следното лето. Одлуката е донесена, неговиот потпис повеќе не е дел од плановите на Реал, поради бројни спортски економски и социјални причини“, обелоденуваат од „Кадена дел сер“.
Шпанскиот гигант минатата седмица преку соопштение ги демантираше гласините дека има договор со Мбапе за трансфер следното лето. Останува да се види дали најновите информации се точни и Мбапе нема да се пресели на „Сантијаго Бернабеу“ по ЕП 2024.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА