Торнике Шенгелија ќе продолжи да го носи дресот на Виртус Болоња, откако грузискиот репрезентативец во последните дваесетина дена беше поврзуван со бројни евролигашки екипи. Одличниот крилен центар е еден од најплатените кошаркари на Виртус и се најавуваше дека клубот е подготвен да го продаде за да ослободи место во буџетот.
Сепак, ниту Панатинаикос, ниту пак Црвена Звезда и Монако кои беа заинтересирани не најдоа заеднички јазик за да го комплетираат трансферот. Денес пак со изјава се јави генералниот менаџер на Виртус Болоња, Лука Баралди, децидно порачувајќи дека Шенгелија веќе не е на продажба и има валиден договор со италијанскиот вицепрвак.
„Поради целата ситуација околу Шенгелија, мораме да разјасниме дека овој кошаркар не се наоѓа на пазарот и има валиден договор со нас. Се шпекулираше со многу клубови, но ние не добивме ниту една понуда за Шенгелија. Нема дилема, овој кошаркар останува во нашиот клуб и во наредната сезона“, порача Баралди.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА