Пресврт во Манчестер: Ратклиф купува 25% од Јунајтед

Бурен е денешниот ден за фановите на Манчестер Јунајтед, најпрвин беше објавено дека Шеикот Јасим бин Хамад ал-Тани се повлекува од трката за купување на клубот, а вечерва стигнува нова информација – Сер Џим Ратклиф постигнал договор со семејството Глејзер да купи 25% од клупските акции.

Ратклиф и Ал-Тани веќе неколку месеци водеа преговори со актуелните сопственици на Јунајтед, катарската понуда секогаш беше финансиски посупериорна, поради што британскиот милијардер се реши за поинаков пристап – разговарајќи за помал процент од акциите што му припаѓаат на семејството Глејзер.

Конечно е постигнат договор, па така британскиот милијардер ќе потроши околу 1,5 милијарди фунти за 25% од вкупните акции на Јунајтед. Според британските медиуми, свежиот капитал ќе биде искористен и за подобрување на клупската инфраструктура, но и за ангажман на нови засилувања. Воедно, Ратклиф во наредните пет години би требало да стане и мнозински акционер во клубот, по најавите дека Американците целосно ќе го продадат клубот штом неговата вредност дополнително порасне.

Се вчитува...