Пресврт во последен час: Томица Главчев ќе биде нов претседател на КФСМ

Неочекуван пресврт на помалку од една седмица до закажаното Вонредно Собрание на КФСМ на кое се очекува да биде изгласана недоверба на актуелниот претседател Перо Антиќ и на негово место да биде избран нов предводник на мак-баскетот за следните четири години.

Младен Ѓуроски долго време важеше за апсолутен фаворит во оваа трка, но ЕКИПА дознава дека во последен момент е донесена поинаква одлука околу претседателската функција во „куќата на кошарката“. Томица Главчев, успешниот бизнисмен од Гевгелија, ќе биде избран за нов претседател на КФСМ откако како единствен кандидат ќе се појави на Собранието закажано на 30 април.

Главчев е човек кој има инвестирано убедливо најмногу сопствени пари во мак-баскетот во последните дваесетина години. Тој долго време беше главен спонзор на Кожув, извесно време го помагаше финансиски и МЗТ Скопје, беше прв човек и на успешниот приватен проект, клубот Блокотехна со кој стигна до титулата во БИБЛ, а играше и едно куп-финале. Своевремено, се издвои препознатлив и како сериозен спонзор во Партизан, кога „црно-белите“ се соочуваа со најголемата финансиска криза во својата историја.

Она што е интересно, тој пред крајот на ланската година беше вклучен во Управниот Одбор на Перо Антиќ, а минатата седмица беше претставен како силен сојузник на Младен Ѓуроски кога тој го претставуваше тимот со кој планира да соработува во наредниот период. Во меѓувреме, ситуацијата се промени, па Главчев на крајот од овој месец ќе биде избран за претседател на КФСМ.

Изборот на Главчев е направен од „највисока инстанца“ и планот е тој како успешен бизнисмен да помогне федерацијата да застане на нозе по финансиската криза во која се наоѓа во моментов. Неофицијално, Младен Ѓуроски и поголемиот дел од неговите соработници кои требаше да дојдат доколку тој станеше претседател, ќе се приклучат како водечки луѓе во канцеларијата на КФСМ, но конкретните функции дополнително ќе бидат решени, до пред почетокот на Собранието.

Се вчитува...