Претседателот на Едриличарската Федерација на Македонија, Будимир Соколовиќ, учествуваше на Самитот „Blue economy”, кој изминативе денови се одржа во Охрид, во организација на Prime blue institute, а во насока на силна промоција на едрењето како начин за развој на сината и зелената економија.
Соколовиќ го издвои едрењето како еко-олимписки спорт кој треба силно да се промовира меѓу младите, меѓу другото, и во насока на поврзаноста на сината и зелена економија и создавање нови зелени работни места. Државата мора да даде посилна поддршка за Едриличарската федерација и нејзините активности за зачувување на Охридското езеро, но и за поддршка на комерцијалното едрење како одржлив бизнис од кој сериозен бенефит би имале и Охрид и Македонија.
Учесниците на самитот „Blue economy”, меѓу кои експерти од десет земји од светот, истакнаа дека државата, но и регионот имаат добри идеи за развој на сината економија, но недостасуваат поддршка и знаење.

Сината економија, како што појасни Зоран Мартиновски – претседател на „Prime Blue Institute“, подразбира се што е поврзано со развој на технологии за пловење и подобрување на животната средина, од аспект на водите кои не опкружуваат.
Марк Берет од германската развојна агенција рече дека ги подржуваат стартап-компаниите и иницијативата за сина економија, забележувајќи дека во регионот има добри идеи, а тие се подготвени да дадат поддршка и знаење.
„Сината економија е еден од најважните сектори и затоа е од огромно значење за овој регион, но и општо за глобалниот развој“, нагласи Берет.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

