Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, оствари средба со раководствата на ФК Вардар и ФК Струга Трим Лум, клубовите кои ќе се соочат во финалето од Купот на Македонија.
Финалниот натпревар е закажан за 21. мај на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.
Целта на средбата беше координација околу подготовките и организацијата на настанот, кој треба да биде вистински празник на фудбалот.Во духот на фер-плејот и меѓусебното почитување беше истакната заедничката заложба – финалето да помине во најдобар ред и да победи подобриот тим.
На состанокот присуствуваа и претставници на Судискиот одбор, со цел унапредување на транспарентноста и довербата во судиските одлуки. Како дел од заложбите во таа насока, на финалниот натпревар ќе биде во функција ВАР технологија за носење судиски одлуки во спорни ситуации.
Овој чекор и имплементирањето на ВАР технологија на финалето од Купот на Македонија е резултат на иницијативата на претседателот Омерагиќ и соработката со фудбалските федерации од регионот, со цел унапредување на судиските стандарди и зголемување на довербата.
„Финалето од Купот на Македонија ќе биде емитувано во живо преку телевизиски пренос. Фудбалската федерација на Македонија ќе преземе сè што е потребно натпреварот да биде организиран на највисоко ниво, во интерес на клубовите, навивачите и македонскиот фудбал“ – информираат од ФФМ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

