На денешниот брифинг со медиумите во Куќата на фудбалот, претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ информираше дека во иднина ќе има новини и околу користењето на ВАР-системот во македонскиот фудбал.
Како би се намалило незадоволството од клубот, при евентуални погрешни одлуки, екипите ќе може да се жалат на ВАР-одлуките ако сметаат дека се оштетени. Жалбата до ФФМ ќе значи потоа и комплетна заедничка анализа на пооделните одлуки.
„Екипите ќе може да се жалат до ФФМ, ако сметаат дека се оштетени од ВАР. Потоа заедно, низ анализа, ќе се прегледуваат снимките и ќе се слушаат разговорите од ВАР собата. Оваа новина ќе биде предлог до Управниот одбор на ФФМ и во пролетниот дел ќе се донесе одлука за да можат видеата од ВАР-собата да бидат достапни“, рече Омерагиќ.
Исто така, првиот човек на ФФМ информираше и околу интенцијата Дени Мусовски од МЛС-лигата да го облече македонскиот дрес. Омерагиќ откри дека веќе разговарал со Мусовски кој изразил желба да го носи македонскиот дрес ако се отвори таква можност.
Од друга страна, како што е познато од претходно, Андреј Тодоровски има австриски пасош, и поради неможноста за двојно државјанство изминатиов период не настапуваше за македонската репрезентација.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

