Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини вечерва бил нападнат од неколку маскирани лица при излегување од ресторанот „Балканика“ во Скопје каде бил на состанок со свои соработници од ФФМ.
Веднаш по инцидентот, Сејдини, кој не е сериозно повреден но по медицинските прегледи ќе се утврдат последиците од нападот, се упатил во полициска станица Карпош каде го пријавил нападот давајќи официјална изјава пред надлежните безбедносни институции.
Претседателот на ФФМ по дадената изјава во МВР, во изјава за ТВ Клан, го потврди инцидентот притоа истакнувајќи дека срамниот напад е извршен од три маскирани лица кои веднаш по нападот избегале кон реката Вардар.
„Верувам дека МВР и надлежните институции што поскоро ќе го разрешат случајот“ – истакна Сејдини за ТВ Клан.
И од МВР го потврдија нападот на претседателот на ФФМ.
„На 27.09.2024 околу 18.40 часот М.С. (55) од Кичево, пријавил дека пред угостителски објект во Скопје бил физички нападнат од неколку лица, кои при нападот немале маски на главите, по што се оддалечиле. Се преземаат мерки за пронаоѓање на напаѓачите и за расчистување на случајот“.
Неофицијални од МВР веќе ги прегледуваат безбедносните камери во намера да се пронајдат напаѓачите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА