Претседателот на полската федерација – „Одлуката на ФИФА е неприфатлива, ние остануваме на тоа дека нема да играме со Русија“

Претседателот на Фудбалскиот сојуз на Полска, Цезар Кулеша изјави дека одлуката на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) за статусот на руската репрезентација е неприфатлива.

ФИФА во неделата објави дека домашната репрезентација на Русија поради ситуацијата во Украина ќе ги игра домашните натпревари на неутрален терен и без публика, а исто така забрани употреба на руското знаме и химна на меѓународните натпревари на кои учествува националниот тим.

„Одлуката на ФИФА е неприфатлива за нас. Нашиот став останува ист: репрезентацијата на Полска нема да игра против Русија во плеј-офот за Светското првенство, без разлика на името на руската селекција“, изјави Кулеша.

Претходно Фудбалските сојузи на Полска, Чешка и Шведска одлучија да не играат против селекцијата на Русија. Според досегашниот план, Русија на 24 март во Москва треба да игра против Полска, додека Шведска треба да се сретне со Чешка. Победниците од двата меча се закажани да се сретнат на 29 март.

 

 

 

Се вчитува...