Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Масар Омерагиќ заедно со генералниот секретар, Дрилон Ганиу учествуваат на состанокот на фудбалските асоцијации од Југоисточна Европа кој се оддржува во Сараево, БиХ.
Како што информираат од ФФМ, на регионалниот состанок, првите луѓе на асоцијациите од Југоисточна Европа имаат средба и со претседателот на УЕФА, Александар Чеферин како и директорот на Национални асоцијации во европската организација, Зоран Лаковиќ.
Учесниците на регионалниот состанок ја истакна важноста на соработката за развојот на фудбалот во регионот и посочија колку заедничката работа, добрата комуникација и размената на искуства можат да придонесат за подобрување на натпреварувачката и спортската инфраструктура во овој регион. Исто така, се заблагодарија на УЕФА за континуираната поддршка, особено преку програмата Хеттрик, која овозможува инвестиции во фудбалски, посебно инфраструктурни проекти низ Европа. Првите луѓе на федерациите од регионот изразија надеж дека со заедничка работа – од Турција до Словенија – федерациите можат дополнително да го зајакнат статусот на земјите од регионот во меѓународните институции.
На состанокот се разговараше за голем број клучни теми, вклучувајќи ја Хеттрик програмата, моделите за развој на младинскиот фудбал, професионалниот развој на тренерите, анализата на тековната сезона во европските клупски натпреварувања и заштитата на интегритетот на фудбалските натпревари. Посебен придонес даде и администрацијата на УЕФА со детален преглед на актуелните фудбалски проблеми во овие области.
На регионалниот состанок покрај Фудбалската федерација на Македонија, присуствуваа челниците на фудбалските сојузи на Турција, Грција, Романија, Бугарија, Албанија, Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Косово и Кипар. Учеството на овој важен собир во Сараево дополнително го потврдува меѓународниот углед на асоцијациите од регионот и придонесот во зајакнувањето на регионалната и европската фудбалска соработка.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

