Преку официјална прес-конференција ФК Брегалница денеска го претстави пред јавноста новиот инвеститор во клубот, Мурат Шамил Шен од Турција, бизнисмен, поранешен кошаркарски репрезентативец на Турција и до неодамна сопственик на Галатасарај, од каде беше тргнат со судска одлука.
На прес-конференција најпрво се обрати и градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, кој го претстави новиот сопственик, притоа презентирајќи ги и амбициите и плановите на клубот. Општина Штип останува со околу 48% сопственик на акциите на клубот, а Шамил Шен ги купи останатите околу 52% акции од досегашниот мнозински сопственик Кирил Гогов, на кого му исплати 150.000 евра.
Новиот инвеститор во Брегалница истакна дека од негова страна за следната сезона во која Брегалница ќе брка враќање во Првата македонска фудбалска лига ќе бидат обезбедени еден милион евра.
„Брегалница ќе ја поставиме на здрави нозе онака како што доликува. На почетокот, во новата сезона може да кажам дека мојот буџет, само од моја страна, ќе биде еден милион евра“ – истакна Мурат Шамил Шен.

Од клубот информираа и дека во деновите што следат, ќе биде претставен и новиот стручен штаб и ново ангажираните фудбалери. За нов шеф на стручниот штаб се спомнува поранешниот истакнат фудбалер на клубот и истакнат македонски стратег, Влатко Костов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

