Фудбалската игра наскоро ќе добие неколку нови правила, откако Звонимир Бобан и Пјерлуиџи Колина веќе доставија список од седум предлози до Бордот на Меѓународен Фудбал, кој сега ќе треба да се изјасни за секој од нив.
Тоа е единствениот орган на ФИФА што има право да ги менува правилата во фудбалот, а доколку иницијативата биде прифатена сите предлози нема да бидат имплементирани истовремено.
Ова се седумте правила на фудбалската игра предложени од страна на Бобан и на Колина.
1. При формирање на живиот ѕид играчите од тимот што напаѓа нема да смеат да стојат во него и да им пречат на дефанзивците и на голманот. Тие ќе мораат да бидат оддалечени најмалку еден метар од живиот ѕид.
2. Кога голманот ја изведува топката од петерецот, противничкиот фудбалер веќе нема да мора да чека таа да излезе од шеснаесетникот, туку веднаш ќе можат да играат со неа.
3. Секое играње со рака во казнетиот простор над висина на рамото ќе значи автоматски пенал, без разлика дали постои намера или не.
4. Веќе нема да биде возможно да се даде гол со рака, дури и доколку станува збор за топка што му е случајно удрена во рака на стрелецот.
5. Тренерите и резервните фудбалери ќе добиваат жолти и црвени картони.
6. Фудбалерот што ќе излегува од игра ќе мора да го напушти теренот од најблиската аут-линија, а не на средината од теренот како што е сега случај.
7. Судиите повеќе нема да се сметаат за „воздух“ доколку ги допре топката. Ако таа се одбие од судијата во шанса за гол, или по контакт со него заврши во голот, акцијата се прекинува и топката се враќа на екипата што ја имала во посед.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА