Претставници на Ц. Звезда, Хајдук, Хамбургер… на последното испраќање на Вујчиќ во Белград (ФОТО)

Претставници на бројни европски клубови кои ги помагаше и со кои соработуваше, предводени од белградските Црвена Звезда и Партизан, германски Хамбургер, сплитски Хајдук, романска Стеауа, како и клубови од БиХ, Молдавија, Бугарија, претставници на Фудбалската федерација на Македонија, Фудбалскиот сојуз на Србија и останатите фудбалски сојузи од регионот… беа на денешното последно испраќање на Слободан Брацо Вујчиќ во Белград. Но, не и од неговото милениче, клубот кој го финансираше повеќе од десет години – ФК Вардар.

На погребот во Белград присутни беа и голем број поранешни и актуелни фудбалери од целиот регион меѓу кои и екс-фудбалерите на Вардар од времето кога Вујчиќ го финансираше клубот, Милан Перендија, Раденко Бојовиќ, Димче Ристевски…. Последен говор, уште еднаш потсетувајќи на ликот и делото на Вујчиќ, одржаа неговиот најдобар пријател и адвокат Звонко Ѓанковиќ, како и неговиот долгогодишен соработник во Македонија, Атанас Костовски.

Слободан Вујчиќ – Брацо, почина по кратко боледување на 15. јуни во Скопје на 70-годишна возраст. Во изминатите 20 години беше спонзор на голем број клубови и во Македонија. Со Вујчиќ како главен спонзор, Вардар во 2003 година беше на чекор од влез во групната фаза од Лигата на шампиони. Освен во Вардар, тој помагаше и во Цементарница 55, Македонија ЃП, Работнички, Тетекс, Слога Југомагнат, Победа, Еуромилк, Локомотива…

Како претставник на УФА Медиа, а потоа и на СВ-РСА и на Спорт 5, беше застапник на ТВ права на многу мечеви кои ги играа нашите клубови. Забележлива беше неговата помош и во ракометниот и во одбојкарскиот клуб Вардар. Од првиот натпревар на фудбалската репрезентација на Македонија во Крањ 1993 година ги застапуваше маркетиншките и телевизиските права, а 2004 година ја донираше целокупната опрема на македонските олимпијци на игрите во Атина 2004 година.

Беше голем хуманитарец, носител на наградата “Мајка Тереза“, а Скопје и Македонија ги чувствуваше како своја втора татковина.

Се вчитува...