Очигледно не минува така „мазно“ преселбата на македонскиот младински репрезентативец Бесар Исени од Шкупи во Вардар.
Новиот директор на Шкупи, Омер Буњаку, преку својот фејсбук профил, го прозва досегашниот претседател Ејуп Адеми за нетранспарентна продажба на Исени, по што денеска официјално се повлеков од функцијата прв човек на прволигашот од Чаир.
„Адеми поднесе оставка како претседател на клубот денеска и во своето соопштение наведе дека негов наследник е Омер Буњаку. Тоа не е точно. Јас немам никаков документ за тоа, а треба да се потенцира дека од негова страна се продава Бесар Исени без да се знае конкретно за колкава сума и дали за тоа пари ќе добие клубот или не“ – вели Буњаку.
Претходно, пак, Ејуп Адеми наведе дека се повлекува од водечката функција во Шкупи поради казната која ја доби од ФФМ по инцидентот на дуелот со Работнички во Ѓорче Петров. Адеми им се заблагодари на сите структури во клубот за досегашната соработка наведувајќи дека му посакува успех во натамошната работа на неговиот наследник Омер Буњаку.
А, Бесар Исени денеска веќе се приклучи на Вардар стартувајќи ги подготовките со „црвено-црните“ под палката на шефот на стручниот штаб, Гоце Седлоски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА