Презентиран договорот со сопственикот Атила Жалили: Обврска за вложување од 1,5 милиони евра годишно

На денешната прес-конференција, малцински акционер на ФК Вардар, преку здружението ,,35 години Вардарци Скопје”, Милорад Миленковски го презентираше и договорот на „Комитите“ за дарување на 85% од сопственоста на клубот на новиот сопственик Атила Бижен Жалили.

Согласно тој договор, новиот сопственик има обврска да вложува, преку спонзори, по 1,5 милиони евра годишно во ФК Вардар.

„Комитите“, пак, добиваат право на именување директор на младинската школа на клубот, и управување со новиот Фан-шоп на ФК Вардар.

„Ние сме тука контролори на целата ситуација во клубот, затоа што со тие 15% не може да бидеме избегнати од комплетна информираност за се што се случува во ФК Вардар. За разлика од времето на Сергеј Самсоненко, кој имаше 100% од клубот, и ние немавме ниту можност да добиеме информација за случувањата во клубот, ниту пак, било како да реагираме“ – истакна Миленковски.

Миленковски ја сподели информацијата дека Вардар има долг од околу 3 милиони евра, од нив 800.000 евра е долг кон УЈП, 1,2 милиони евра се должи зап плати, 200.000 евра долг кон ПУИГ, и останати долгови кон доверители.

„Има најави дека ќе се подмири наскоро долгот, меѓутоа тоа прашање не е за мене, туку за мнозинскиот акционер и неговиот претставник во клубот, извршен директор Миленко Неделковски. Искрено веруваме дека ќе има до крајот на годината ‘бомба’, односно информација дека долгот на ФК Вардар е подмирен. Тоа го посакуваме сите“ – рече Милорад Миленковски.

Се вчитува...