Прибак: Ми беше чест да играм за Македонија, сега ќе навивам во Хернинг

ЕКИПА во Хернинг

Стеван Цаневски

 Македонските репрезентативци во Хернинг се подготвуваат за утрешната премиера на ЕП 2026 против Данска, а во овој град можеа да се сретнат и со добро познато лице. Немања Прибак, долгогодишниот капитен на Вардар кој неколку години настапуваше и за македонската репрезентација, исто така е во Хернинг, како дел од стручниот штаб на српскиот селектор Раул Гонзалес.

Отворен за разговор како и секогаш, Прибак со задоволство се навраќа на времето минато во Скопје и во Македонија.

„Со себе имам само убави спомени од времето минато во Македонија, така било, така и ќе остане. Мислам дека сум дел од развојот на македонскиот клупски ракомет, секогаш со гордост го носев дресот на Вардар, тоа ми е еден од најубавите периоди во кариерата“, вели Прибак.

Судбината сакаше тој повторно да биде во Хернинг во ист период во Македонија, откако токму во овој град дебитираше за нашата национална селекција на едно големо натпреварување, на ЕП 2014 што исто така се одржа во Данска.

„Тоа беше мое прво Европско првенство во дресот на Македонија. Одиграв четири големи натпреварувања за оваа репрезентација, секогаш го давав максимумот за македонскиот дрес и горд сум поради тоа“, потенцира Немања.

За него нема дилеми, планот му е да остане во ракометот како тренер, а соработката со Раул Гонзалес, кој своевремено му беше тренер во Вардар, е вистински чекор во тој правец.

„Пред една и пол година ја завршив играчката кариера. Раул при преговорите за доаѓање на селекторската функција ме контактираше, јасно изразувајќи ја желбата да бидам негов помошник. Прифатив без размислување, чест ми е да бидам со таков ракометен стратег, моја желба е да градам тренерска кариера. Засега, покрај тоа што сум помошник во А-селекцијата, исто така учествувам и во работата со ракометарите од генерацијата 2008“, истакнува нишлијата со македонски пасош.

Србите денеска ја отвораат програмата во Хернинг со дуел против Шпанија, што би требало да даде појасна слика за квалитетот на нашиот северен сосед.

„Имаме комбиниран состав од искусни, но исто така и од млади играчи, за дел од нив ова ќе биде прво големо натпреварување. Полека, но сигурно се имплементира нов систем, но на првенствата нема многу време ниту право на грешка, тоа е факт. Групата е силна, но ние ќе настојуваме со сите да одиграме сериозенн ракомет. Верувам дека имаме квалитет, но тешко е однапред да се прогнозира подетално, мислам дека по денешниот прв дуел со Шпанија ќе имаме појасна слика на кое ниво се наоѓаме во моментов“, вели Прибак.

Тој има само пофални зборови и за македонскиот национален тим, кој напредува од година во година под водство на селекторот Кире Лазаров.

„Македонија со Кире как селектор изгледа се посериозно на секој нов натпревар. Се градат како екипа, има хемија, млади играчи… Се гледа печатот на Лазаров во системот на игра, Македонија има сосема солиден квалитет. Како и Србија, така и Македонија се најде во пеколна група, покрај Данска, тука е и Португалија која за мене е фаворит од сенка на овој шампионат. Реално е Македонија да одигра добар ракомет, со голема желба и борба како и секогаш. Јас секако после Србија, ќе бидам голем навивач на Македонија во Хернинг и од срце посакувам добри игри и резултати“, порачува за крај Немања Прибак.

Се вчитува...