ЕКИПА на ЕП во Хрватска,
Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски
Се ближи стартот на втората фаза од настапот на Македонија на ЕП 2018, а атмосферата во нашите редови е идентична како и првиот ден. Се работи напорно, не се лета во облаци, сите се свесни дека најголемите предизвици допрва претстојат, но и дека со игри како оние во Загреб можат да продолжат да се земаат и скалпови на фаворити и во Вараждин.
„Пред ова првенство кажав дека Раул треба да ни помогне да победуваме репрезентации со поголемо реноме од нашето, бидејќи со оние останатите и претходно добро се снаоѓавме. Се случи токму тоа, ја победивме Словенија, со Германија освоивме бод, па сега полни со самодоверба стигнавме во Вараждин. Знаеме – можеме да играме со секого, ќе видиме што ќе се случува во следната рунда, каде не очекуваат три нови пресметки со силни ривали“ – истакнува Немања Прибак.
Прв од трите дуели во втората фаза е оној со селекцијата на Шпанија, закажан за утре во 20.30 часот.
„Ќе дадеме се од себе, тоа е она што можеме да го ветиме. Имавме време да се подготвиме добро, да го анализираме противникот, верувам дека ќе одиграме на посакуваното ниво. Ако дојдеме до позитивен резултат в недела, а потоа и на тој нареден меч со Чешка, сонот наречен полуфинале би станал реалност“ – оптимист е Прибак.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА