Немања Прибак повторно ќе биде дел од македонската репрезентација во претстојата ЕХФ-недела закажана за вториот дел од месец октомври. Средниот бек и по заминувањето од Вардар продолжи со добри игри во дресот на Бешикташ, тим со кој вчера славеше на гостувањето во Скопје против Металург, а Прибак беше еден од најдобрите поединци на теренот.
Раул Гонзалес веќе најави дека за претстојната ЕХФ-недела нема да закажува натпревари, туку планира да одработи тренинзи со ракометарите, се со цел тие што подобро да ги прифатат неговите идеи во пресрет на ЕП 2018 во Хрватска. Шпанскиот стратег веќе разговарал со Немања Прибак и му соопштил дека ќе биде дел од тимот што ќе тренира заедно во текот на следниот месец. И кај самиот ракометар постои желба за камбек во националниот тим, а претстојната ЕХФ-недела ќе биде идеална можност за тој да се наметне кај својот поранешен тренер од Вардар за потоа да се најде и на списокот за Европското Првенство во Хрватска.
Немања Прибак по одличните игри за Вардар доби понуда за македонски пасош и почна со настапи за Македонија на ЕП 2014 во Данска. Тој последен пат беше дел од нашиот национален тим на гостувањето во Чешка каде претрпевме убедлив пораз, по што потоа беше избришан пред СП во Франција од страна на тогашниот селектор Лино Червар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА