Навивачите на Тотенхем немаат многу причини за славје на резултатски план, но денеска барем добија една позитивна вест околу играчкиот кадар, откако лондонскиот клуб ја продолжи соработката со капитенот Хеунг Мин Сон.
Актуелниот договор на корејскиот голгетер истекуваше на крајот од оваа сезона, но „спарси“ ја активираа клаузулата што им овозможуваше автоматски да ја продолжат соработката за уште една дополнителна година. Сон е член на лондонскиот клуб уште од 2015 година кога пристигна од редовите на Баер Леверкузен, наметнувајќи се како лидер на оваа екипа по заминувањето на Хари Кејн.
„Пресреќни сме што можеме да објавиме дека ја активиравме опцијата за продолжување на договорот со Хеунг Мин Сон, кој сега е со важност до летото 2026 година“, се вели во соопштението на Тотенхем.
Сон досега има настапено на 320 натпревари за Тотенхем во Премиер-лигата, постигнувајќи 125 гола и 68 асистенции.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА