Разврската во групата Е од овој европски шампионат е сосема изненадувачка, откако по денешните реми дуели меѓу Словачка и Романија, односно Белгија и Ураина сите четири селекции освоија по четири бода, прв ваков случај во историјата на европските шампионати. На крајот испадна Украина, која поради најслаба гол-разлика го освои последното место ине успеа да го продолжи настапот на овој европски шампионат, најмногу поради убедливиот пораз од Романија во првото коло.
Исходот во Франкфурт меѓу Словачка и Романија и израмнетите 1-1 е сосема очекуван епилог, ако се знае дека и пред мечот беше познато дека реми ги носи и двете селекции во нокаут фазата. Словачка прикажа повеќе на теренот на почетокот и стигна до предност благодарение на голот на Дуда, кој со прецизен удар со глава ја затресе мрежата на Романците. Романија стигна до израмнување во 36. минута откако Разван Марин стрелаше прецизно од пенал за 1-1, исход што им одговара и на двете селекции за пласман во осминафиналето. Во вториот дел очекувано двете селекции повеќе мислеа на сопствениот отколку на противничкиот, рутински чувајќи ги овие 1-1 кои ја одведоа Романија на првото, а Словачка на третото место во осминафиналето од ЕВРО 2024.
Повторно разочара Белгија, која одигра 0-0 на дуелот со Украина, па „црвените ѓаволи“ го освоија само второто место во групата кое во осминафиналето за ривал им ја донесе селекцијата на Франција. Ромелу Лукаку промаши една стопроцентна шанса на почетокот, Белгијците одиграа потпросечен меч, но не беа казнети од украинскиот состав кој повеќе од 60 минути се бранеше, а во финишот не успеа да стигне до победа со која ќе приредеше сензација на шампионатот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА