Пријовиќ им донесе руска виза на Србите, Хрватска го слави Крамариќ

Шок-терапијата со промената на селекторот Анте Чачиќ вроди со плод, па Хрватска стигна до посакуваната победа  на гостувањето во Украина (0-2) што им го донесе на „коцкестите“ второто место во групата и пласман во баражот за СП. Мора да се истакне дека Хрватите имаа и многу среќа откако во првото полувреме домаќините промашија неколку одлични шанси, за потоа во вториот дел Андреј Крамариќ да блесне и два пати да ја затресе мрежата на Украина.

Исланд обезбеди историски прв пласман на фудбалските мундијали откако оваа селекција со победата над Косово од 2-0 си го осигура првото место во групата.

Дел од светското првенство во Русија ќе биде и Србија, откако нашиот северен сосед вечерва славеше на домашен терен против Грузија со 1-0. По бројните промашени шанси, Србите конечно поведоа со голот на Пријовиќ, кој беше џокер од клупата на селекторот Муслин постигнувајќи го во најдобар можен момент својот прв погодок во репрезентативниот дрес.

Мундијалот во Русија ќе мине без Герет Бејл и Велс откако оваа селекција го загуби клучниот меч за второто место во групата, на домашен терен од Република Ирска со 0-1.

Група Д: Србија – Грузија 1-0, Молдавија – Австрија 0-1, Велс – Р. Ирска 0-1.

Табела: Србија 21, Р. Ирска 19, Велс 17, Австрија 15, Грузија 5, Молдавија 2.

Група И: Исланд – Косово 2-0, Украина – Хрватска 0-2, Финска – Турција 2-2.

Табела: Исланд 22, Хрватска 20, Украина 17, Турција 15, Финска 9, Косово 1.

Се вчитува...