Македонија засекогаш ќе го памети 9 ноември 1996 година по најубедливата победа во историјата на македонскиот фудбал. Во Ешен, во квалификациите за СП 1998, Македонија триумфираше на гостувањето против Лихтенштајн со неверојатни 1-11. Денеска, пак, од 15 часот националниот тим го очекува ново гостување во Лихтенштајн, сега во првиот натпревар од квалификациите за СП 2026.
Според неофицијалната статистика на ФИФА, оваа победа на Македонија е во десет највисоки победи во историјата на светскиот репрезентативен фудбал на официјални квалификациски натпревари за Светско првенство!
Македонија беше јасен фаворит против Лихтенштајн, и сосема очекувано тогаш, пред 29 години, отпатува по победа, откако и во Скопје претходно беше 3-0, во првото коло од циклусот. Но, искрено, малку кој и во македонската експедиција очекуваше таква победа.
А, интересно, денот на натпреварот почна со нервози во македонскиот табор откако националниот тим беше „натеран“ од делегатот на мечот да ја промени опремата за настап. На официјалниот технички состанок, економот на репрезентацијата Ане Велевски доби инструкции дека Македонија не смее да игра со црвени гаќички, бидејќи и домаќинот Лихтенштајн имал сосема идентични пријавено. А, репрезентативците, како и селекторот Ѓоко Хаџиевски, во тој поглед, носени од посебен ритуал пред секој натпревар воопшто не сакале така изненадувачка промена на опрема. И прво воопшто не сакале да слушнат за промена и настап во „шарена опрема“. Но, Ане Велевски, заедно со секретарот на репрезентацијата, Слободан Несторовски, кој би свесен дека противењето и тоа како може да донесе големи казни за Македонија, успеале да ги убедат, па така Македонија на стадионот „Спортпарк“ во Вадуц се појави со жолти гаќички и црвено-бел дрес.

Но тоа, и тоа како донесе среќа. Ѓоко Хаџиевски постави максимално офанзивна формација која ја донесе најубедливата победа. Македонија имаше 0-6 уште во првото полувреме. Дебитантот Дејви Главевски успеа да постигне хет-трик, иако одигра само 69 минути, Митко Стојковски и Саша Ќириќ стрелаа во два наврати стрелаа. Два гола постигна и Тони Мицевски, а по еден Ѓорѓи Христов, во првото полувреме, и Ванчо Мицевски во вториот дел, на крај за 1-11.
Ѓоко Хаџиевски и преку овој натпревар покажа дека е еден од најдобрите фудбалски стратези во историјата на македонскиот фудбал. Тренерот со четири шампионски круни во Македонија, но и со трофеи од Јапонија и од Азербејџан во кариерата, тогаш до самиот финиш ја остави репрезентацијата во трка за водечките две позиции во групата кои водеа на СП.
Македонија против Лихтенштајн настапи во следниот состав: Данчо Целески, Гоце Седлоски, Митко Стојковски, Љупчо Марковски, Игор Саша Николовски, Влатко Гошев, Тони Мицевски (како капитен), Срѓан Захариевски, Ѓорѓи Христов, Саша Ќириќ и Дејви Главевски. Во вториот дел во игра влегоа и Саше Милошевски, Ванчо Мицевски и Тони Наумоски.

НАЈУБЕДЛИВА ПОБЕДА ВО ИСТОРИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА
09.11.1996, Ешен: Лихтенштајн – МАКЕДОНИЈА 1-11 (селектор: Ѓоко Хаџиевски)
Шедлер 78’ – Главевски 8’, 12’, 60’, Христов 23’, Стојковски 30’, 43’, Т. Мицевски 45’, 49’, Ќириќ 53’, 87’, В. Мицевски 90’
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА