Прилеп го победи тимот на светскиот првак Карлсен на Европскиот клупски куп во Струга, нова убедлива победа на Алкалоид

Шахистите на Прилеп го приредија најголемото изненадување во 2. коло на Европскиот клупски куп во шах кој се одржува во Струга, триумфирајќи против осморангираниот тим на Оферспил од Норвешка, за кого настапува и актуелниот светски првак Магнус Карлсен (прворангиран во светот со 2855 поени).

Карлсен поради учество на турнир во Норвешка дополнително од денеска се приклучи на својот тим во Струга. Претходно, пак, Прилеп (17-то рангиран) славеше со 4,5-1,5.

Прворангираниот на Европскиот клупски куп, македонскиот шампион Алкалоид запиша нова убедлива победа, во втората рунда натпревари победувајќи ја со 5,5-0,5 екипата на Словен Рума од Србија. Единствено Сем Шанкланд ремизираше со Иван Иванишевиќ на втората табла.

Гамбит Асеко СЕЕ (16-то рангиран) со 1,5-4,5 загуби од израелски Бер Шева (седморангиран), а Гостивар со 2-4 загуби од исландски Рејкјавик.

Во женска конкуренција, каде учествуваат само осум екипи, ЖШК Алкалоид го победи Центар од Скопје со 2,5-1,5, додека австриски Баден (шесторангиран) го совлада Куманово (осморангиран) со 3,5-0,5.

Во машка конкуренција се пријавени 38 клуба, со 277 шахисти, од кои 85 велемајстори (ВМ), а во женска конкуренција осум клуба со 40 шахистки (седум ВМ).

Се вчитува...