Прилеп со гол на 10 секунди пред крајот ја доби драмата во Куманово (ВИДЕО)

Ракометарите на Прилеп ја запишаа и првата победа сезонава во 2. коло од Суперлигата на Македонија, триумфирајќи на гостувањето против Куманово во драматичен меч со 35-36.

Прилепци имаа предност уште по првото полувреме на дуелот од 14-15. Низ максимална израмнетост се играше и во второто полувреме, во кое Куманово на две минути до крајот имаше предност и од 35-34.

Но, потоа следеше драмата во која Прилеп најпрво израмни на 35-35, а откако домашните ракометари „продадоа“ топка во нападот на 30 секунди пред крајот, во следниот напад гостите со голот на Квастек на десет секунди до финишот дојдоа до конечна победа од 35-36. Младиот голман на Прилеп, Михаил Ангелески, на крај, го одбрани и последниот обид на домашните барем за бод.

Денис Шабановиќ во победничката екипа постигна десет погодоци, осум дополни Пеце Рајатоски, а кај Куманово, Каио Винициус Де Соуза постигна неверојатни 17 гола, но ниту тие не помогнаа домашните да го избегнат поразот.

Прилеп, предводен од Божидар Мојсов, сега има победа и реми по првите две кола во првенството, а кумановци го запишаа и вториот пораз на стартот од сезоната.

Се вчитува...