Примирје: Мбапе асистира, Нејмар дава гол – ПСЖ победува

ПСЖ ја зголеми предноста на врвот на табелата во францускиот шампионат откако „светците“ славеа на големото дерби против Олимпик Марсеј со 1-0. Војната меѓу најголемите ѕвезди во тимот очигледно е во затишје, бидејќи токму Мбапе беше несебичен асистент при единствениот погодок што го постигна Нејмар.

ПСЖ тргна офанзивно од самиот старт, а голманот Лопез имаше неколку одлични интервенции во почетните минути. Гостите имаа и многу среќа кога слободниот удар на Меси заврши во гредата, но подобрата игра на домашниот состав беше наградена во судиското продолжение од првото полувреме, кога Нејмар рутински реализираше по додавањето на Мбапе.

И ова дерби изобилуваше со жестоки стартови, па Олимпик го заврши натпреварот со играч помалку, откако Жиго доби директен црвен картон во 72. минута по прекршок над Нејмар.

ПСЖ останува осамен на врвот на табелата со 29 бода, три повеќе од второпласираниот Лориен, додека Олимпик Марсеј падна на петтата позиција со 23 бода на своето салдо.

Се вчитува...