Џејдон Санчо денеска се приклучи на тренинзите на Манчестер Јунајтед, откако крилниот офанзивец конечно ги надмина недоразбирањата со Ерик тен Хаг по конфликтот што двајцата го имаа минатата сезона, кој резултираше со заминување на Санчо на позајмица во Борусија Дортмунд.
Тој беше незадоволен од малата минутажа, уште повеќе откако Тен Хаг јавно го критикуваше неговото залагање на тренинзите и дел од натпреварите. Тренерот беше бесен на реакцијата на Санчо преку социјалните мрежи, а откако фудбалерот одби да се извини тој најпрвин беше отстранет од првата екипа, а потоа и испратен на позајмица во Германија.
Сепак, тие проблеми се надминати откако Санчо денеска лично се сретнал со Тен Хаг. Клупските извори не обелоденуваат дали дошло до извинување, но двете страни делувале задоволни по состанокот, а Тен Хаг дал зелено светло за овој фудбалер да се приклучи на тренинзите со првата екипа.
Ќе биде интересно да се види дали смирувањето на страстите би можело да значи и останување на Санчо во Манчестер Јунајтед за наредната сезона, ако се знае дека „црвените ѓаволи“ не добија ниту приближна понуда на она што го очекуваа за да дадат зелено светло за офанзивецот да си замине од „Олд Трафорд“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА