Примислав Димовски избран за нов претседател на БФМ

Поранешниот истакнат македонски боксер Примислав Димовски е избран за нов претседател на Боксерската федерација на Македонија. На денешното Вонредно годишно собрание на БФМ, во присуство на 21 од вкупно 35 делегати, Примислав Димовски едногласно ја доби довербата за да раководи со македонскиот бокс.

Собранието заврши експресно, бидејќи единствена точка на дневниот ред беше гласањето за нов претседател на БФМ. Откако беше констатирана оставката на Игор Златков, која ја поднесе поради лични и професионални причини, едногласно за нов претседател беше избран Примислав Димовски, неколкукратен освојувач на „Златниот гонг“.

„Морам да се заблагодарам за изборот, со оглед дека ми беше дадена голема поддршка од сите боксерски работници. Секако, очекувањата се големи, не очекува напорна работа, а од мене сите очекуваат да го туркаме напред боксерскиот спорт во Македонија, за што побрзо да ја врати својата поранешна слава“, изјави за ЕКИПА, Примислав Димовски.

Потпретседатели на БФМ остануваат Блаже Донев од Штип и Фатон Салиху од Скопје.

 

Се вчитува...