Германскиот репрезентативен пикер, Патрик Винцек, се здоби со тешка повреда на окото поради која ќе ги пропушти завршните подготовки со Кил, а можеби и почетокот на новата сезона.
Винцек доби незгоден удар во главата на пријателскиот натпревар против Рајн Викингс на кој „зебрите“ победија со 35-27, но останаа без еден од своите клучни играчи. Во осмата минута од натпреварот пикерот на Кил во дуел со еден од противничките играчи доби удар во главата и заврши на подот. По интервенцијата на лекарскиот тим Винцек беше пренесен во болница и задржан на лекување поради силно крварење во десното око и опасност да го загуби видот на тоа око.
На пивотот ќе му бидат направени дополнителни прегледи во специјализирана очна клиника. Од Кил на официјалниот клупски сајт информираа дека состојбата на Винцек е стабилна, но засега не се знае точно колку ќе трае процесот на лекување и кога ќе може тој да се врати на терен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА