Хрватсиот првак Загреб мора повторно да го менува тренерот, овојпат сосема принудно откако Ненад Шоштариќ добил лекарска сугестија дека ќе мора да мирува во наредниот период по операцијата на грбот.
Шоштариќ неколку месеци по стартот на сезонава дојде на клупата на Загреб од функцијата селектор на женската репрезентација на Хрватска, искусниот стручњак бележеше сосема солидни резултати, но сега ќе мора да му го препушти своето место на помошникот Андрија Николиќ, кој ќе ја води екипата на Загреб до крајот на оваа натпреварувачка сезона.
„Морав да заминам на операција на грбот, а потоа и на рехабилитација во една приватнаклиника во Загреб. На последната контрола лекарите ми рекоа две важни работи – првата дека не ми се препорачани патувања, особено авионски, од кои состојбата би можела да ми се влоши, и втората – дека ќе морам да заминам најмалку три седмици на лекување во бања. Секако дека здравјето ми е на првото место и затоа ги известив раководните луѓе во клубот за мојата состојба“, објави Шоштариќ.
Загреб обелодени дека одличниот стручњак останува во клубот како „шеф на сите категории“, по што летово во зависност од неговата здравствена состојба ќе биде донесена одлука околу ангажманот на Шоштариќ во најтрофејниот хрватски ракометен колектив.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА