Притисокот расте: Гарабаја ќе добие отказ ако загуби од Вардар!

Се поголемо е незадоволството во таборот на Е. Пелистер по слабите игри и резултати во последниот период, што можат да доведат и до тренерска смена на кормилото на македонскиот првак пред крајот на оваа календарска година.

Рубен Гарабаја пристигна во Битола како принудна опција откако Раул Алонсо по освоената титула реши да се пресели во Бундес-лигата (каде не се прослави, па експресно доби отказ во Лајпциг), почетокот беше и повеќе од добар, но како што одминува времето така формата на „зелено-белите“ се движи во надолна линија, а Гарабаја не делува како стратег што може да го најде лекот кога мечот не оди во правец каков што посакуваат битолчани.

Тоа беше случај на дербито со Алкалоид на кое Пелистер изгледаше моќно, водеше со „плус седум“, но кога колата тргна низбрдо, шпанскиот стратег не најде начин да ја стабилизира и на крајот „пелистерци“ освоија само еден бод наместо посакуваниот цел плен. Проблемот се повтори и синоќа во Загреб, откако битолчани тргнаа моќно, поведоа со 1-5, но штом Загреб ја презеде контролата над резултатот, македонскиот првак не успеа да се врати во мечот.

Се погласни се сомнежите дека Гарабаја е тренерот што може да го извлече максимумот од овој играчки кадар на „зелено-белите“, откако забележа само две победи во ЛШ и моментно е претпоследен во групата, додека во домашната Супер-лига веќе заостанува четири бода зад лидерот Вардар. Токму пресметката со вечниот ривал ќе биде дуел „да се биде или не“ за Гарабаја во Пелистер, бидејќи евентуален пораз би значел и одење на „минус шест“ во однос на вечниот ривал и минимизирање на шансите за нова титула.

Дербито ќе биде од исклучително зачење за цел тим на Пелистер, но особено за Гарабаја кој во случај на неуспех ќе мора предвреме да си ги спакува куферите…

Се вчитува...