Како што информира СВР Тетово, вчера (12 септември) околу 19:20 часот, полициски службеници на СВР Тетово ги лишиле од слобода Д.М.(20), Х.Д.(29) од Скопје, фудбалери на тетовски Тетекс и М.Р.(20) и В.И.(29), фудбалер и претставник на Фудбалскиот клуб Кадино од истоименото скопско село, поради нивна инволвираност во физичка пресметка по завршувањето на меѓусебниот фудбалски напревар од 3. коло во Втората лига – Запад.
„Фудбалерот на Тетекс, Д.М., со пластично шише удрил полициски службеник кој преземал службени дејствија околу физичката пресметка, а Х.Д. попречувал полициски службеник при преземање службени дејствија. Се расчистува и документира случајот и ќе следуваат соодветни поднесоци“ – информираат од СВР Тетово.
Претходно и двата клуба меѓусебно се обвинуваа за предизвиканиот инцидент по крајот на натпреварот за кој санкции ќе има и од Дисциплинската комисија на ФФМ. Откако од Кадино обвинија дека нивните фудбалери без никаква причина биле нападнати од домашните фудбалери, со соопштение се огласи и ФК Тетекс.
„Почитувани фанови на ФК Тетекс почитувана македонска јавност, денеска на стадионот во Боговиње после завршувањето на натпреварот против ФК Кадино 1-1 се случија немили сцени. На самиот почеток сакаме да ги демантираме обвинувањата од страна на ФК Кадино дека нивните фудбалери биле нападнати од страна на нашите фудбалери. Напротив инцидентот започна пред соблекувалните од страна на фудбалерот М.Р кој со шише нападна наш фудбалер. Потоа се случи мешаница помеѓу фудбалерите каде се најде и тренерот на голманите В.И кој физички нападна двајца наши фудбалери. Нашиот клуб како домаќин ја дочека екипата на Кадино одлично, дури на располагање им беше нашиот доктор бидејќи нивниот од непознати причини не беше присутен. После овој инцидент со кој образ излегуваат со сооштение на нивната фејсбук страница ФК Кадино која неможе да утврдиме дали е официјална или навивачка. Нашиот клуб ниту бил некогаш насилен ниту ќе биде!!!“ – се истакнува во соопштението од ФК Тетекс.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА