Португалските ракометари се максимално мотивирани со триумф над Македонија да обезбедат пласман во главната рунда од ЕП 2026.
Свесни дека се фаворити на денешниот натпревар, на Португалците исто така им е јасно дека на денешниот дуел ќе имаат потешка задача во однос на премиерата со Романија.
„Во оваа група во која е и Данска, сите останати натпревари се исклучително важни бидејќи не постои простор за грешка. Влогот е пласман во следната рунда, свесни сме за значењето… Погрешно е да се мисли дека затоа што сме фаворити лесно ќе стигнеме до победата, тоа не треба да залаже никого. Сепак, чувствуваме обврска да победиме и да продолжиме со добри резултати на големите натпреварувања, таа фаворитска улога ќе мораме да ја оправдаме во текот на сите 60 минути на теренот во Хернинг“, вели Леонел Фернандеш.
Левото крило на Порто настапуваше заедно со нашиот Никола Митревски во овој португалски гигант и има само пофални зборови за македонскиот голман.
„За мене беше чест и привилегија да играм заедно со Никола Митревски. Тој е еден од оние луѓе во ракометот кои оставија трага врз мене, кои влијаеја позитивно на мојата кариера. Никола добро ги познава дел од нашите ракометари, тоа можеби е предност за него, но не верувам дека ќе биде одлучувачки фактор за побендикот на овој дуел“, вели 27-годишниот португалски репрезентативец.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

