Во Фудбалската федерација на Македонија пристигна известување од Судиската комисија на УЕФА во кое пишува дека нашата најдобра женски судија Ива Пројковска, која се наоѓа во елитната група на 20 судии во Европа, е префрлена и во втората група на списокот на машките европски судии. Во иднина таа ќе може да ги суди и натпреварите во квалификациите за Европското фудбалско првенство и во европските лиги за сениори, не само за помлади категории од 17 до 21 година. Таа веќе дебитираше есенва на мечот во лигата на Европските шампиони за младинци мегу ПСВ Ајндховен и Ленс . Во Македонија беше главен судија на натпреварот во Првата лига меѓу Тиквеш и Брера од Струмица.
Од нашите судии на списокот на Судиската комисија на УЕФА во првата група се наоѓа нашиот најдобар судија Александар Ставрев, а во втората, сега заедно со Пројковска, Игор Стојчевски и Јован Качевски. И тука завршува списокот за главни судии. Покрај Пројковска, во Европа од Македонија кај жените како главен судија суди и Ирена Велевачкоска.
Македонија има и двајца контролори во УЕФА , Емил Божиновски, нашиот најдобар поранешен судија и новиот претседател на судискиот одбор на ФФМ, Димитар Мечкаровски.
Во дописот што пристигна од УЕФА се наоѓа и името на футсал судијата Доне Ристовски, кој е префрлен од втората во првата група на европски футсал судии, во која веќе се наоѓаат Јосип Бартон и Марјан Младеновски. Ова признание дојде по неговото успешно судење на европското првенство за млади во Пореч. Македонија има само тројца меѓународни футсал судии. Кога сме веќе кај УЕФА да ги спомнеме и другите наши претставници во европската куќа на фудбалот. Делегатската улога на меѓународни, репрезентативни и клупски натпревари ја вршат Филип Поповски, Васко Дојчиновски и Александра Бејковска, Жаре Игњатовски е задолжен како организационен директор, додека Роберт Марковиќ се грижи за безбедноста на натпреварите, што ги организира УЕФА.
М.Мицковиќ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

